Васил Гарванлиев преку видео јавно се извини за недоразбирањата што настанаа изминатите денови откога во неговиот евровизиски спот наводно се појави бугарско знаме, а потоа се споделуваше и видео во кое пејачот вели дека, освен македонското, има и бугарско државјанство. Васил во пораката што ја објави на „Инстаграм“ изјави дека баба му е родена во Бугарија и дека тој повеќе од 20 години има бугарско државјанство, но вели и дека му е жал ако со своите ненамерни грешки некого повредил.
„Во 1997 година со семејството се преселивме во Чикаго и неколку години живеевме во Америка. Кога нè депортираа, јас бев малолетен, а мојата фамилијата одлучи да направи неколку чекори за безбедност и за иднината на сите нас. Мојата баба, мајка на татко ми, е родена во село Игралишта, надвор од Петрич, што ни овозможи да добиеме бугарски пасоши, кој го имам веќе дваесетина години. Законски во нашата земја двојно државјанство е дозволено“, вели Васил, меѓу другото.
Тој кажува дека со години живеел во Америка, во Англија, Италија, дека пеел на сите светски оперски и концертни сцени и дека себеси се гледа како граѓанин на светот.
„Сакам да ја искористам оваа ситуација и да се заблагодарам за неверојатниот одговор, реакциите, пораките, љубовта и поддршката за песнта. За жал, изминатиов викенд работите тргнаа во поинаков правец во мојата убава Македонија и моравме да го отстраниме и повторно да го ставиме видеото поради погрешно толкување на уметничко дело што стоеше на ѕидот на Даутпашиниот амам. Јас сум музички амбасадор, а во музиката нема религија, политика, ориентација, раса или боја. Немав намера да повредам некого. Ако некого повредив на кој било начин, од дното на моето срце, жал ми е, простете ми“, вели Гарванлиев.
За потсетување, Васил лани беше избран за македонски претставник на Евросонг, но бидејќи натпреварот не се одржа, МРТ оваа година го потврди неговото учество. Тој ја сними песната Here I Ѕtand, која ја напиша самиот. Откако уметничкото дело поставено во галеријата Даутпашин амам беше протолкувано како бугарско знаме, од спотот веднаш беа отстранети неколку кадри. Набргу потоа во јавноста почна да се споделува и видео снимено пред една година, во кое Васил зборува за своето двојно државјанство и кажува дека по баба потекнува од Бугарија.
По ова, јавноста реагира дека тој не треба да ја претставува Македонија на Евросонг, а имаше и коментари дека МРТ треба да го повлече Васил од музичкото шоу.
View this post on Instagram