(Видео) Четкар во празен Њујорк: „Не ми годи животот во изолација“

Македонскиот џез музичар Владимир Четкар, коронавирусот го затекна во Њујорк, градот каде што живее веќе неколку години. Иако на почетокот на април требаше да се врати во Охрид, се затворија аеродромите, па тој остана во Америка. Уште е таму и едвај чека да си дојде дома. Вели, не му лесно да биде изолиран од луѓето оти е навикант на пријатели, гужви и забава. Последниве месеци деновите му поминуваат во компонирање, а и вежба дома, повремено готви и секојдневно вози велосипед низ празниот Њујорк. Возејќи се низ улиците на градот, тој сними видео за „Репортер“ за да ни го доближи животот таму во време на корона.

„Градот е необично празен. Како да не е Њујорк. А јас цело време си мислам колку би било жално и мизерно да живееме во свет без прегратки. Изолираноста и социјалното дистанцирање не се природни за мојот карактер. Не ми е нормална оваа нова ситуација. Но, јас сум дисциплиниран, па ги почитувам правилата што важат за сите“, вели Четкар за „Репортер“.

Тој ни раскажа и дека најголемиот туристички град во светот преку ноќ замре. Болниците со недели беа полни со луѓе, а најмногу заболени во Америка имаше токму во Њујорк. И за сето тоа време Четкар беше во центарот на пандемијата. Вели, улиците се и сега полупразни, а и градот нема за скоро време да се врати во нормала.

„Њујорк веќе не потсетува на најраздвижениот и најбрз град во светот. Нема туристи, некое време немаше ни јавен превоз, не работеше метрото. Ова мислам дека никогаш претходно не се случило. Луѓето се фрустрирани што животот им се смени преку ноќ. Како и секаде, и тука мора да носиме маски за да влеземе во маркет, а редиците се некогаш многу долги и се чека со часови. Тешко е и напорно“, вели тој.

Освен што короната му смени многу животни навики, таа влијаеше и на неговата кариера. Заради пандемијата Четкар откажа многу концерти и настапи планирани за овој период.

„Ми се откажаа неколку турнеи во Америка. Македонија и Азија, па сега работам на нивно презакажување. Искрено, не размислувам за онлајн проекти и се надевам дека нема да има потреба од тоа. Уметноста е за пред луѓе, а не за да се доживува преку телефон и компјутер“ вели тој.

А. Јовановска

Scroll to Top