Пионерите на македонската хип-хоп сцена „Чиста околина“ ја промовираа втората песна од повратничкиот албум Avant-garde Fatiguée, „Малку поети“. Албумот ќе биде промовиран во мај.
Новата песна содржи семплови од шлагерот „Зошто“ на Зафир Хаџиманов, а како гости се појавуваат некогашните членови на „САФ“ Смилен и Диџеј Гоце, како и ЛД Пистолеро, еден од најистакнатите домашни рапери од новата генерација.
Новиот албум на „Чиста околина“ првпат беше најавен на крајот на јануари со синглот „Си играме со рапот“.
Од „Филтер лејбл“ велат дека Avant-garde Fatiguée е првиот од трите албуми со нов материјал што „Чиста околина“ планира да ги издаде во наредниот период. Тоа ќе се појави 25 години по промоцијата на нивниот единствен албум „Новиот аспект на старата школа“.