Ангел Спасов е ново име на домашната музичка сцена. Средношколец кој доаѓа од Струмица и има нова песна „Ме изгуби ти“. Песната е на Роберт Билбилов и е дебитантската песна која има модерен звук. Видеото е на Зоран Стојановски – Зонде. Во кадрите освен Ангел се појавува и Ема Стојановска, членка на модното студио „Зоа модел“.
„Велат кога нешто силно посакуваш се остварува, во моментов го живеам мојот сон. Имам песна каква што одамна посакував и пресреќен сум што со Роберт ‘кликнавме’ од прва и навистина ме погоди. ‘Ме изгуби ти“ е песна во стилот кој и приватно сакам да го слушам и нешто што на кое, нели без разлика на сѐ, знам дека ќе бидам горд затоа што е и отпеана и направена со многу љубов и на едно професионално ниво. Едвај ги чекам реакциите на публиката, затоа што навистина верувам во песната“, вели Ангел Спасов.
Билбилов, пак, кој е комплетен автор на „Ме изгуби ти“, вели дека му било предизвик да работи со Ангел, затоа што тој е типичен претставник на онаа млада генерација. „Особено ми е драго што доаѓаат нови генерации кои ги следат трендовите и сакаат оној актуелен, светски звук да го пеат, би рекол, на македонски. Ангел е едно од оние нови имиња на домашната сцена кои навистина верувам дека имаат и што да понудат, но и убава иднина“, вели Роберт.
Ангел има 17 години и е средношколец во средното медицинско училиште, а освен што своето образование планира да го продолжи во таа насока, сака и музиката да биде дел од неговото секојдневие, па веќе во тек се и подготовките за следниот проект.