Филмот „Другата страна“ е еден од ретките долгометражни филмови за деца снимени во Македонија. Премиерата ќе ја има на почетокот на март во „Синеплекс“. Автори се Мартин Чичовски и Оливера Каменаровска, од „Марви продакшнс“, кои велат дека идејата им била да направат филм со кој ќе ги научат децата да бидат среќни.
„Јас сум режисер и сценарист на филмот, а го работев заедно со мојата другарка и колешка Оливера Каменаровска. Таа е сценарист, продуцент и актерка. Прашањето од почетокот ни беше каква дискусија сакаме да отвориме помеѓу децата? Што е навистина потребно да ги научиме, и како на ефективен начин да го направиме тоа? Па рековме, ајде да ги научиме како да бидат среќни. ‘Другата Страна’ е всушност светот за кои ние луѓето, отсекогаш сме сонувале, но никогаш не сме се потрудиле тој нерелеан свет да стане реалност“, вели Мартин за „Репортер“.
Тој ни раскажа дека главните ликови во филмот, Софи (Оливера Каменаровска) и Бобо (Филип Каменаровски) се справуваат се тешка одлука да изберат еден од овие два света. Освен нив, во филмот глумат и Тодор Стојковски, Јелопи Седеу Нишевиќ, Марија Клепова, Ана Петановска и други.
„Филмот се снимаше цел август лани летото, на повеќе локации во Скопје, во населбата Аеродром, на Водно и во парк. Со ‘Другата страна’ сакавме да конкурираме на неколку фестивали, но тие се одложени поради пандемијата. Сепак, филмот веќе се прикажуваше во Канада, на меѓународниот колеџ UWC, каде што студира Оливера“, ни раскажа Мартин.
Тој вели дека „Марви продакшнс“, се група ентузијасти кои веќе четири години снимаат филмови и серии. Нивиот филм “Јас не сум педер“ освои награда на фестивал во Белград, а наскоро ја планираат премиерата и на ТВ-серијалот „Тремор“.
„Ние сме истата неразделна група веќе неколку години и младите на наша возраст почнуваат да ни го препознаваат името. ‘Тремор’ во 10 епизоди раскажува за бурниот свет на младите: зборуваме за пороци, социјални мрежи, ментално здравје, ЛГБТ заедницата и други теми кои кај нас се табу. Веќе една година дена работиме на серијалот и очекуваме да има премиера кон крајот на јуни“, вели Мартин и додава: „Од друга страна, краткиот комичен филм ‘Јас не сум педер’, кој го постиравме на Јутуб пред 6 месеци, помина одлично на меѓународните фестивали. Филмот кој зборува за двајца другари кои упорно не си признаваат дека имаат чувства еден за друг, ја освои наградата на публиката на меѓународниот фестивал ‘Мерлинка’ во Белград, а се прикажуваше и на фестивалот Лифт (LIFFT) во Индија“, рече тој.
Андријана Јовановска