Фондациите „Новак Ѓоковиќ“ и „Проф. д-р Ванчо Чифлиганец“, заедно со „Адора бизнис-групацијата“, во заедничка хумана мисија отворија нова градинка во село Љубиш, во близина на Златибор, Србија, и покажаа дека хуманоста нема граници.
Се работи за нова градинка во рурална средина во општина Чајетина во Србија, која е дел од проектот на Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“. Целта е развој на селото за да не се отселуваат луѓето од помалите места. Градинката во селото Љубиш, кое се наоѓа на само неколку километри од Златибор, е 46-та по ред новоотворена градинка чија цел е да им се обезбеди на децата од предучилишна возраст од помалку развиените средини да може да учат и да играат во безбедна и креативна средина.
„Една детска насмевка вреди повеќе од сè на светот“, истакнува Душко Чифлиганец, заменик-претседател на „Адора бизнис-групацијата“, потенцирајќи дека е огромна чест да се соработува со фондација од глобален ранг и со семејството Ѓоковиќ, а среќата и задоволството што се овозможува подобро образование во најраната возраст, чиj квалитет е клучен за подобро утре, се неизмерни.
Со соработката со Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, „Адора бизнис-групацијата“ и Фондацијата „Проф. д-р Ванчо Чифлиганец“ ја продолжуваат општествено корпоративната традиција секогаш да враќаат нешто назад во средините во кои имаат деловни активности.