Пејачката Биба Додева вчера јавно се обрати до Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри па им се извини, поради, како што рече „човечките слабости кои сите ги имаме. Биба на својот фејсбук-профил во видео рече дека нема оправдание за нејзината реакција оти била во афект.
„Тоа никако не смееше да се случи, имајќи ја предвид мојата долгогодишна и плодна соработка со медицинскиот персонал. Без него, би се намалил квалитетот на работењето и на БОРКА, за што впрочем и сум кажувала јавно во секоја пригода.. Длабоко се извинувам на сите оние кои чесно и најодговорно ја извршуваат најхуманата професија и кои мојата објава ја сфатија како навреда кон нив или омаловажување на нивниот ангажман“, рече таа и додаде:
„Сестрите, целиот медицински персонал и докторите отсекогаш биле нераскинлива алка во моето постоење, бидејќи со вас работам и живеам. Нашата комуникација секогаш била, е и ќе биде на највисоко професионално ниво. За мене една птица не го прави јатото и свесна сум за пожртвуваноста на сите кои ги работат овие професии“, рече Биба, па додаде дека за тоа дел имале медиумите кои и ги превртеле и генерализирале зборовите. Иако во медиумите беше пренесено само нејзиниот пост на Фејсбук.
„Ви се извинувам од срце дека мора да работите со колеги за кои знаете дека не ја оправдуваат мисијата на вашата професија и се вработени не поради искуство и посветеност, туку поради други околности. Тие и таквите придонесуваат да сте омаловажувани во една од најхуманите професи која нашево општество заборава да ја цени.Ви се извинувам за зборовите кои скоро никогаш не ги користам, бев револтирана од односот на вашата колешка, особено кога помислив како истите тие непрофесионалци се однесуваат со граѓаните кои бараат помош, а кои немаат како да го искажат своето незадоволство од страв и немоќ. Воедно, сакам да им се обратам и на тие кои ме прозваа со навреди и клевети“, рече меѓу другото таа.
Биба во видеообраќањето призна за нејзините здравствени проблеми. „Имам автоимуна болест и откако ја изгубив мајка ми, неколу добри пријатели од рак и ми се случија многу неубави работи, добив уште неколку здравствени проблеми кои доведуваат до тоа да сум отечена со повеќе килограми отколку што ми се допаѓа“, рече Биба и додава: „Ви посакувам добро здравје и да ве потсетам дека секој од нас направил некогаш грев“.