Јан Стефановски, син на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски од пред неколку години е дел од бендот Влатко Стефановски Трио. Таткото на гитара, синот на тапани и Иван Кукиќ, син на Ленче и Горан Кукиќ на бас гитара е Триото кое е многу популарно особено во регионот.
Јан во моментов е студент во трета година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, отсек џез музика и тапани. За Репортер вели дека не му пречи да го претставуваат како си на Влатко Стефановски, бидејќи го гледа како татко цел живот, настрана што тој е познат гитарист и има изградено име.
„Секако дека сум горд на него, но искрено кога ќе кажат „еј син на Влатко“, па јас сега да паѓам во несвест, не можам, затоа што тој пред се ми е татко“, открива Јан за Репортер.
Ги одбрал тапаните бидејќи смета дека љубовта кон овој инструмент му е вродена. Иако додека бил помал имал желба да стане сликар, па кошаркар, на крај одлуката паднала да свири тапани.
„Имаше еден момент каде што почнав да слушам музика и кога многу поинтензивно свирев тапани и мислам дека тоа беше моментот кога сфатив дека со тапани ќе се занимавам цел живот и дека тоа ќе ми биде професија. Тоа беше периодот 2015 до 2016 година многу навлегов во џез музиката. Не ја одбрав гитарата затоа што првично никогаш не ме влечело. А љубовта што ја имам за тапаните е нешто што не можам да си го објаснам ни самиот. Се сеќавам дека кога бев мал, додека татко ми имаше проби во студиото кај него, јас како хипнотизиран гледав во тапаните. Тоа беше нешто посилно од мене. Таа љубов и привлечност кон тапаните ми е 100% вродена“, раскажува Јан.
Како син на познат музичар со кој свират заедно во бенд знаат обострано да се критикуваат, но и да си се пофалат.
„Татко ми јас си го гледам како родител. Тој не е ни комплетно попустлив, ниту многу ригорозен, океј е, супер татко е. Многу го почитувам и го сакам“, вели Јан, и додава дека кога не свират заедно, имаат најнормален татко-син однос. Заедно пијат кафе, одат на ручек, се шетаат со кучето, пешачат на Водно.
На прашањето дали има омилен албум од Леб и сол или песна што му лежи на срце, вели: „„Као какао“ од 1998 година на Леб и сол, а најомилената песна е баш од тој албум „Чекам кишу“ последната песна на албумот. Секако и многу други имам омилени од татко ми, но таа ми е на прво место за секогаш“.
Приказната за Влатко Стефановски Трио започнала во 2019 година кога прво Влатко на предлог од пријател од Струмица го слушнал Иван Кукиќ кој во бендот свири бас гитара и бил воодушевен од неговиот талент, па така спонтано почнале да свират, прво во домашното студио на Влатко, во Тафталиџе, а потоа и на концерти во Македонија и регионот. Освен што функционираат како Влатко Стефановски Трио, Јан е официјален тапанар на бендот „Ју фор ју“ основан од Иван Кукиќ со неговите пријатели кој свири екс ју музика.
„Првиот настап со татко ми беше во Сремски Карловци. Таа вечер татко ми прв пат ме викна на сцена и ја отсвирев „Као какао“. Имав многу трема, но супер ја отсвирев. И тоа беше прв пат да сум со татко ми на сцена заедно“, раскажа Јан.
Најдобриот настап кој досега го свиреле како Влатко Стефановски Трио бил во Ниш пред 1500 луѓе, а публиката била толку еуфорична што било изненадување и за неговиот татко.
Роден е и пораснал во Тафталиџе и многу си ја сака населбата и маалото, бидејќи и поголем дел од неговите другари живеат таму. Се сеќава на приказните и анегдотите кои му ги раскажувал неговиот татко за населбата кој дури посвети и музички албумот насловен „Тафталиџе шафл“.
„Повеќето мои другари и другарки и луѓе што ги познавам се од Тафталиџе, голем дел од времето го поминувам тука. И како што проаѓаат годините да бидам искрен ме мрзи да се оддалечувам многу и преферирам да си седам тука. Дали во маалски кафичи, барови или само на клупа, најмногу сакам да сум блиску до дома и затоа што си ја сакам населбата најмногу“, раскажува Јан.
Габриела Додевска