Поп-пејачката Лара Иванова и пејачот и композитор Панче Касапски го објавија записот за нивниот прв заеднички дует „Само сврти се“, автентична и модерна поп-балада со изразен бит, чиј темел се емоциите и уметноста. Во видеоспотот Лара е претставена како сликар, што е целосно нејзина идеја како начин за визуелизирање на тематиката на песната, а драматичноста на испеаните стихови е преточена во секој кадар од новото видео.
Музиката и аранжманот се на Панче Касапски, миксот и мастерингот се снимени во студиото на Лазар Цветкоски, а текстот е на Робин Зимбаков, додека режисер е Ѓорги Вацев. Спотот е снимен во Музејот на Град Битола. Стајлингот се должи на Викторија Бурсак која креираше модерен микс од брендови. Шминката и фризурата се на Даниел Николовски.
„Навистина сум пресреќна што сум дел од овој проект заедно со Панче и многу талентирани лица од музичката индустрија, кои се заслужни за мојата нова омилена песна. Видеото изобилува со црно-бел приказ, но вистинскиот колорит на песната се чувствува во самата мелодија и во мојата и изведбата на Панче“, изјави Лара.
„Да се соработува за првпат, со вокал и музички талент каков што е Лара е вистинско задоволство и привилегија. Секако истото важи и за легендарниот тим, којшто е и повеќе од заслужен за реализирање на овој дует и видеоспот, а за којшто ми е искрено драго што сум дел и како композитор. Како пејачи, со Лара совршено се надополнуваме во „Само сврти се” и емоциите коишто ги пренесуваме низ песната се целосно доловени и евидентни во секој испеан стих”, изјави Панче.
Лара премиерно го прикажа видеоспотот на својот официјален јутјуб-канал.