(Видео) „Мајка ми се радуваше што ќе станам позната“, медената Атиџе ги чека Оскарите

Атиџе Муратова, хероината на документарниот филм „Медена земја“, сè уште го живее својот стар живот во селото Бекирлија, во близина на Лозово. Во селото е сама, со пчелите и медот, откако пред две години почина мајка ѝ. Медената Атиџе, како што ја нарекуваат, раскажува дека уште пред да полнат да  снимаат, мајка ѝ била тешко болна. И покрај болеста, заради која со години не излегла од куќата, таа била радосна кога дознала дека ќе се снима филм за Атиџе, и дека ќерка ѝ конечно ќе си го исполни сонот да стане позната.

„Мајка ми почина пред две години, на 28 јануари. Седев покрај неа, ја држев за рака додека умираше. Сакав да сум таму, ако треба барем чаша вода да ѝ дадам. Таа знаеше дека снимаме, знаеше и за куќата што ни ја купија продуцентите во селото Дорфулија. Ми викаше: ‘Ќерко ти многу сакаш да пееш, оди, снимај, ќе бидам јас добра. Среќна сум за тебе’. Ме прашуваше: ‘А кога ќе биде куќата?’, знаеше дека треба да се селиме“, раскажа Атиџе за „А1он“.

Неколку недели пред Оскарите, вели дека сака и таа да се појави на црвениот тепих во Лос Анџелес. Сигурна е и дека ќе добијат барем еден Оскар, а имаат две номинации, за најдобар документарец и за странски филм.

„Очекувам да добиеме ‘Оскар’, ама се надевам дека и јас ќе прошетам на црвениот тепих.Тие ми викаат – тешко, има пред нас други, но мислам ќе победиме, некоја сила ме тера, ми кажува… А на радио кога слушнав за двете награди, знам дека едната оди кај нас. А ако не ме земат, пак ќе ме викаат да одам таму“, вели.

За неа е голема радост што успеала од селото каде што живее сама, да го види светот. И покрај тоа не сака да заборави која е и од каде потекнува.

„Никогаш нема да се откажам од пчелите, по нив секогаш ќе трчам и ќе се грижам за нив. Ништо нема да го смени тоа“, раскажува таа.

Филмот беше промовиран пред една година, а Атиџе најмногу се радува што оттогаш почнале да доаѓаат луѓе во селото.

„Во ‘Медена земја’ сум насмеана и весела зашто доаѓаат луѓе, се радувам што има луѓе. Многу ми се смени животот, му покажавме на целиот свет кои сме, тоа ми е битно. Сиромашна и мала држава, јас сум уште посиромашна, но му покажавме на светот“, вели таа.

„Не помислив никогаш дека ќе бидам на филм, но имав мерак да се прошетам, да пеам, уште како дете сакав да видам како се прави тоа на филмовите. Сите викаат лесно е да правиш документарен филм. Мене не ми беше ни лесно ни тешко. Првин ми беше и страв и срам пред камерите, да не направам нешто погрешно. Еден месец не знаев што снимаме, дали филм дали нешто друго“, вели Атиџе.

Кристијан Ландов

 

Scroll to Top