Фолк-пејачот Јордан Митев сними спот за песната „Жена за 100 години“. Во видеото се појавува и тој, но главните улоги ги има манекенскиот пар Цеце Орешкова и Кристијан Георгиев и нивната ќерка Кара Розмари. Спотот е снимен неодамна на неколку локациии во Македонија.
„Сакав во видеото да биде претставено убаво, среќно семејство, а песната да допре до сите љубители на убавата македонска народна музика“, вели Јордан.
Фолк-пејачот и овој пат е комплетен автор на музиката, текстот и на аранжманот на песната. Тој самиот го осмисли и го режира спотот, а во соработка со „Арт студио продукција“.
„Пред почетокот на целата оваа криза, околу 8 март, ја промовирав оваа песна, а публиката одлично ја прифати. Но, по промоцијата, моравме да ги запреме сите планови, вклучувајќи го и снимањетео на спотот. Сега дел од работите колку-толку се враќаат во нормала, па затоа првин сакав да го завршам видеото за оваа песна, а дури потоа да им се посветам на другите проекти“, вели пејачот.
До крајот на годината Јордан сака да реализира уште неколку од проектите што ги планирал за 2020 година.
„Годинава минува пасивно, но не џабе рекле дека музиката е лек за сè. Затоа, во овие времиња, ние сме должни пред нашата публика да не се предаваме и да продолжиме да создаваме“, додава тој.