Српската пејачка Марија Шерифовиќ веќе нема да му биде ментор на Адам Лабунски, откако откри дека тој самиот решил да смени една од песните што ги вежбале за вториот круг од емисијата „Ѕвездите на Гранд“. Тој воопшто не ѝ кажал на Марија дека ќе пее друга песна, а пејачката за тоа дознала пред самото снимање кога добила список за тоа кои нејзини кандидати ќе пеат.
„Мене од овој момент до крајот на животот ти не ме интересираш. Јас комуницирам со сите свои кандидати секој ден, ти не се потруди да ми кажеш дека ќе пееш песна што не сме ја вежбале. Ти си презаљубен во себе, и тоа е во ред. Ама тоа што те учев само делумно го примени во првата песна. Ова може да те чини многу“, му рече Марија, откако Адам ги испеа двете песни и доби четири гласа ДА.
Додека Марија го критикуваше, Адам се препотуваше, но призна дека песната ја сменил под влијание на татко му, фолк-пејачот Ибро Лабунски. Ибро пред жирито рече дека тој знае што е најдобро за неговиот син. „Адам е најголемата ѕвезда во Македонија и има многу свирки“, рече Ибро.
Таткото на Адам се искара и со Ѓорѓе Давид. „Немој да го лажеш син ти дека е ѕвезда“, му рече Ѓорѓе на Ибро.
Настапот на Адам почнува во 23 минута.