(Видео) Ми се направи ќеф на душава – Симон Трпчески со „Македонисимо“ им подари концерт за паметење на скопјани

Македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески вчеравечер пред Националната опера и балет одржа концерт за, како што рече, свој ќеф и за душа на македонската публика која уживаше во неговиот настап под отворено небо.

Концертот беше македонска промоција на музичкиот проект „Македонисимо“, кој имаше светска премиера во 2017 година во Лудвигсбург, Германија,  претпремиера во родното село на Трпчески, Збажди на планината Караорман.

Македонските песни и ора во „Македонисимо“ добија посебен музички јазик и беа обоени на поинаков начин, мешавина од нашата традиционална музика и различни музички стилови.

Дел од скопската публика со себе имаше понесено столчиња за целосно да ужива во концертот, а дел беа во стоечка варијанта. Публика присутна од 7 до 77 години, младо и старо потпевнуваше и играше на тактовите карактеристични за македонската музика.

Музицирањето на виртуозот Трпчески заедно со Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките  Влатко Нушев, беше проследено со аплауз и овации. Помеѓу музичките сплетови Симон Трпчески раскажуваше како настанале дел од композициите обработени на оригинален начин  од страна на композиторот Панде Шахов и се осврна на имиња од музичката сцена кои оставиле белег во македонската народна музика.

„Не си го продавај Кољо чифликот“ е песна која може да се носи раме до раме со класичната музика. Благодарение на Павле Шахов неговата мекост и желбата за соработка. Прилично модерен јазик во вториот сплет, а овде ќе видите како јазикот на Јоханес Брамс толку убаво се сплотува со истата песна,  ќе слушнеме мала искра од Франц Лист, за на крајот да завршиме и модерно и македонски. Убавината во еден ваков проект е енергијата, една работа секогаш дава плод се надевам дека тоа Македонците ќе го научат тимската работа сплотува“, рече Трпчески на концертот.

Радоста дека Трпчески што одржа концерт пред македонската публика не можеше да ја скрие, насмеан и среќен постојано потсетуваше да не заборавиме од каде потекнуваме како Македонци.

„Многу ми е кеиф на душата, дома си е дома“, рече Трпчески.

По отсвирениот планиран репертоар на „Македонисимо“, Трпчески и пријателите со неколкуминутен аплауз и овации беа вратени повторно на сцената. Концертот го заврши со „Осоговка“ и „Скопско оро“.

„Вива Италија велат Италијанвите, Вила Ла Франс велат Французите, а ние овде во Македонија велиме да живее Македонија“, за крај Симон Трпчески ја поздрави публиката.

Следните изведби на „Македонисимо“ се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември.

Габрела Додевска

 

 

Scroll to Top