(Видео) Многу малку ги чуваме уметниците кои живеат за аплауз и брзо ги забораваме: Весна Бејби емотивна за Љац, Трајче и Катина

Актерката Весна Бејби во емотивно видео зборува за изгубените вредности на денешното време. Таа се потсети на тројцата колеги актери од нејзиниот матичен театар МНТ, кои починаа.

„Да се посетиме на некои вредности, оти изгубивме војна, не битка, за Љац, за Трајче, за Катина“, стои во описот на видеото.

Весна вели многу малку се чуваат и вреднуваат уметниците од која било сфера, а како виновник за тоа таа ги посочи дневно политичките настани.

„Сакам да ви кажам нешто за нас глумците. Во последниот месец изгубивме, зборувам за мојот матичен театар изгубивме тројца одлични актери Трајче Георгиев, Катина и вчера веста што силно ме потресе смртта на Љац. Многу малку размислуваме за вредностите коишто се денес тука, многу малку ги чуваме нашите уметници, не само актери, туку и сликари, композитори, изведувачи, пејачи. Зборувам за сите уметници и сите оние кои ви го правиме животот да биде повесел, подобар макар и на час и половина во една театарска претстава, телевизиски филм, игран филм, краток филм, во нашите телевизиски емисии каде упорно се обидуваме да допреме до вас. Сме изложени на критики и целиот живот ни е на тапет, но да знаете дека ние живееме за аплауз. Но некако брзо ги забораваме луѓето и баш сум тажна. Затоа што не оптеретивте, не пукнавте со таа дневна политика“, вели Весна во видеото.

Актерката додава дека поради сите погоре наведени работи се заборави ан децата, образованието и одењето во театар.

„Едно време тоа беше религија, култура на живеење. Сега веќе тоа го немате. Вашите деца не одат во театар. Не знаат каде е Театар за деца и младинци, не знаат да разликуваат кој е Македонски народен театар, Комедија и Драмски театар. Тоа е пораз на сите нас и тоа е многу тажно. Живееме во тажно време, држава и без никакви вредности. Да ја поправиме некако, барем да ја вратиме насмевката на оние генерации коишто ги оставаме после нас“, вели Весна.

Инаку вчера на 60 годишна возраст почина актерот Владимир Ендровски-Љац, овој месец не напушти и Катина Иванова која повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар и во јуни на 56-годишна возраст почина актерот Трајче Ѓоргиев.

Scroll to Top