Несреќа се случи на аеродромот во Скијатос, каде што туристите и локалните жители се собираат да го гледаат полетувањето на авионите.
Туристката (61) сакала да го снима авионот додека полетува, но издувните гасови ја собориле и ја фрлиле во морето.
На видеото се гледа дека жената била на патот покрај морето на само неколку метри од ѕидот и почетокот на пистата. Во моментот кога авионот полетал, таа ги кренала рацете, а набргу потоа воздушната сила од турбината ја фрлила неколку метри во морето.
Лекарите од локалниот здравствен дом констатирале дека таа добила сериозни повреди на главата, карлицата и има модринки на десното рамо и левиот зглоб, а жената со брод е пренесена во болницата во Волос, најблискиот град на копното.
Ова е втора ваква несреќа во последните неколку недели.
Меѓународниот аеродром Скијатос Александрос Пападиамантис е познат по ниските слетувања и е исклучително популарна дестинација за секој кој сака да гледа полетувања или слетувања и да фотографира.
И покрај поставените знаци и предупредувањата од властите да се држат подалеку од областа околу пистата на аеродромот, многу туристи се приближуваат за да направат слики или видео од леталото што се приближува.