Пејачот Васил Гарванлиев ја промовираше песната Beautiful, два дена откако откри дека се свршил. Ова е прва песна од неговиот прв англиски албум, Porcelain Soldier, на кој работи веќе некое време и кој треба да излезе наскоро. Тој е автор на музиката и текстот, а за песната направи и лирикс видео.
„Ова е почеток на едно ново патување и звук за мене. Ова е прва од многу песни што ќе излезат во следните неколку месеци. Ова е пат кон себепронаоѓање. Темите се многу лесни и певливи, а пратечките вокали во секоја песна имаат мотивациска и инспиративна порака. Па оттука произлегува и пораката во Beautiful дека и ако никој не ви каже, треба да знаете една работа – вие сте убави“, рече Васил за „Репортер“.
И додека преку социјалните мрежи го најавуваше времето за промоција на новата песна изминатите денови, Васил преку фотогарфии откри и дека се свршил додека бил на романтично патување во Њујорк. Тој потоа за „Репортер“ кажа дека љубовта му се случила набрзина и дека и тој е сè уште во неверување, но дека е среќен и заљубен.
„Секогаш велам, внимавај што посакуваш затоа што ќе ти се случи“, ни кажа ланскиот претставник на Евросонг.