Македонската пејачка Полина Тас ја претставува својата нова авторска песна „Феномен“, проследена со впечатлив и визуелно силен видео запис. Со овој проект, таа започнува ново музичко поглавје во кое автентичноста, емоцијата и личната слобода се во центарот на нејзиниот израз.
„’Феномен’ е современа поп композиција со модерен звук, која носи порака за индивидуалност, различност и храброст да се биде свој. Песната зборува за личност која не се вклопува во шаблони, туку токму во тоа ја наоѓа својата сила“, вели Полина
Видео записот за песната е снимен на неколку локации, со симболични и минималистички елементи каде ја прикажува уметницата во различни состојби – од ранливост до самодоверба. Преку динамични сцени и внимателно избрана естетика, видеото ја пренесува пораката дека вистинската слобода доаѓа кога ќе ги надминеме сопствените ограничувања.
„Феномен“ е дел од истоимениот музички проект на Полина, кој ќе биде објавен постепено во текот на годината.
Во овој музички проект учествуваат; Иван Костадинов- Панда како продуцент и автор на песната, зад видео записот се потпишува Владислав Гавриловски, уметникот Бојан Ковски кој воедно е и главниот машки лик во спотот. Модните уникатни креации се на Мите Занов, а зад целата идеа на видеото стои креаторот Андреј Папаз.
Видео записот за „Феномен“ е достапен на YouTube и сите дигитални платформи.






