(Видео) Се ожени Дац, по десет години врска Весна му предложи брак

Актерот Драган Спасов Дац по десет години врска се венча со својата партнерка Весна. Таа го изненади вчеравечер, на неговиот 59. роденден, и на забавата во кафулето „Трибека“ дојде со вел на главата, бурми и матичар, па го побара Дац за маж. Популарниот актер се збуни, но не криеше дека е воодушевен и рече дека го прифаќа нејзиниот предлог за брак.

„Ова може само оваа лудача до мене да ми го направи, браво, сега стварно се потресов“, рече актерот, а видеото од венчавката го објави на Фејсбук.

Видео од свадбата објавија и на Фејсбук. Александар Митевски на полноќ почнува да пее Happy birthday за да му го честита роденденот на Дац, а во исто време меѓу гостите доаѓа Весна со бурмите и матичарот. Таа со помош на сестрата на Дац, нејзината старосватица и Александар Митевски, тајно ја организирала целата венчавка.

„Синоќа во ‘Трибека’ почна со роденден на Дац, а заврши со венчавка… Еве како изгледаше големото изненадување кое му го приредија пријателите. Благодарност и до нашиот драг другар матичар Роки. Нека им е со среќа на Дац и Весна“, стои во видеото.

Слика од венчавката објави и Дац.

„Мојата Весна заедно со пријателите ми приреди несекојдневно изненадување. Во најголема тајност и без ништо да се посомневам, организирале матичар, и синоќа официјално стапивме во брак. Фала на сите, посебно на мојата лавица. Весна, те сакам бескрајно“, напиша тој.

 

Scroll to Top