(Видео) Тамара Волческа ја промовираше првата песна: Еден ден сакам да снимам дует со Били Ајлиш

Пејачката Тамара Волческа ја промовираше својата прва песна Do You Remember, чии автори се Весна Малинова и Јордан Манов, а Тамара го напиша текстот.

„Текстот беше напишан во убав период од мојот живот, едноставна емоција создадена за други времиња и после краток период го прифатив како дело и чувства кои ги доживував. Кога ќе направам времеплов, денес песната ја доживувам многу поразлично и токму во тоа се крие пораката во спотот што го направивме“, вели таа.

Спотот го сними Александар Нешкоски во Културниот дом во Гостивар, а како танчерка се појавува Теодора Волческа, сестрата на Тамара.

„Снимањето на спотот, е тоа е вистински ден за прераскажување. Јануари, без греење, се тресеа вилици и колена, секој со своите улоги трча наваму-натаму, желби за перфекција, смеење, сцена во еден кадар со боја на која мислам дека сите бевме возбудени. Беше лудо, ќе го паметам цел живот“, раскажа Тамара, и вели дека ѝ годи што ја споредуваат во светската ѕвезда Били Ајлиш.

„Во една пригода кажав дека не е возможно да не се почувствуваш убаво да те споредуваат со светска ѕвезда чија музика ја обожавам и ме инспирира. Но, сакам моето име, она што јас го носам во себе и го давам да биде акцент на моја автентичност и покрај изгледот. А за Били, верувам дека за некоја година ќе го имам тоа задоволство да прифатам понуда за дует, па ете да се најдеме на иста сцена“, вели Тамара.

Таа вели дека е уметник што целосно сака да ѝ се посвети на музиката, иако работи во АРМ.

„Како воено лице, предизвиците во животот ги пречекувам со голема гостопримливост, борбеност, силна верба во она доброто и уште поцврст чекор после секое паѓање“, додава таа.

Scroll to Top