„Пред неколку дена со мојот бенд снимивме спонтана сесија на дел од моите песни. Притоа, ја експлоатиравме дневната соба на баба ми, на која ѝ заблагодарувам за сите сварени кафиња тоа попладне“, вака го опиша својот најнов проект пејачката Теа Трајковска.
Станува збор за акустична изведба на две нејзини познати песни, односно последното остварување кое носи наслов „Пекол“ и нејзината прва нумера со која ја почна својата кариера пред неколку години, „Ми треба малку време“.
Изведбата на овие две песни е снимена со дел од нејзиниот бенд, односно Дејан Митровиќ и Неврус Бајрам, додека, пак, зад камерата бил Нино Спирковски.
Нормално, Теа не застанува тука. Таа заедно со својот тим на чело со Лазар и Магдалена Цветковски веќе размислуваат на стиховите и музиката за новата песна.