(Видео) „Тоше го исфрлија од фестивалот во Лажани“, раскажа фолк-пејачот Јашар Ахмедовски за почетоците на Проески

Македонскиот фолк-пејач Јашар Ахмедовски во најавата за емисијата „Печат во времето“, откри голем број непознати детали од својот живот, но, и за почетоците во кариерата на Тоше Проески

Тој раскажа како жирито го исфрлил Тоше од едно популарно музичко натпреварување во деведесетите години, кое тој го организирал во прилепското село Лажани.

„По смртта на мојот брат Ипче, јас го организирав фестивалот „Ипче фест“ во Лажани. На тој натпревар доаѓаа 30 до 40 илјади луѓе. Дури и Тоше Проески дојде и се пријави на конкурсот, но тој не се натпреваруваше, бидејќи сепак стануваше збор за народна музика, па го исфрлија од конкуренција. Јас не бев во жирито, но, другите така проценија“, раскажа Јашар.

За потсетување Јашар во 1994 година доживеа голема семејна трагедија. Брат му Ипче Ахмедовски го загубил животот во сообраќајна несреќа на 28-годишна возраст, а тој во негова чест одлучил да организира фестивал.

„Не знам зошто, но по некое време, поради некакви политички превирања во Македонија овој фестивал исчезна“, изјави Јашар во емисијата, која ќе се емитува денеска во 20.00 часот.

Јашар е еден од малкумината пејачи кој не сака премногу да биде експониран во јавноста и ретко дава интервјуа.

Scroll to Top