(Видео) Златко Калински се враќа од пензија за Светското првенство во Катар

Легендарниот спортски коментатор Златко Калински се враќа од пензија и ќе има свое подкаст шоу, „Тоа е фудбалот“. Тој најави дека ќе прави емисии посветени на СП во Катар 2022 што почнува на крајот на ноември, а фановите ќе може да ги гледаат на Фејсбук.

Откако беше објавена веста за враќањето на Калински, на социјалните мрежи не престануваат да се споделуваат некои од неговите легендарни изјави: „Низ шума од раце погоди Веселин Вујовиќ“, „Лицето на Фергусон поцрвене, но и онака тој има залиха од претходниот натпревар“, „Болт 9.79, кралот останува крал, тоа е громовникот, нова молња над пекиншкото небо“, „Како шило се проби Јасмин Мркоња по десната страна“.

Фановите велат и дека нема подобар тандем што коментира фудбал од Калински со Дарко Панчев, па лани бараа од Македонската телевизија тие да го коментираат Европското првенство и да го вратат Златко од пензија.

Калински работеше 42 години како спортски коментатор и во својата кариера водел преку 2100 преноси во живо од разни спортски настани.

Scroll to Top