Виолета Томовска и Весна Гиновска-Илкова ќе ја добијат наградата „Свети Климент“

Примадоната на Националната опера и балет, Весна Гиновска-Илкова, и доајенката на македонската народна музика, Виолета Томовска, се меѓу добитници на највисоката државна награда „Св. Климент Охридски“ во областа на културата и уметноста. Добитник на оваа награда за 2019 година е и писателот Димитар Башевски.

Министерството за култура соопшти дека во областа на воспитанието и образованието наградата ќе ја добие проф. д-р Агим Пољоска, албанолог, а во областа на здравството проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог-алерголог.

Државната награда „Св.Климент Охридски“ се доделува како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 8 декември во свечената сала на Собранието.

Scroll to Top