Виртуозот на гитара, Влатко Стефановски, откри дека пред 22 години се запознал со принцот Чарлс во Скопје. Тој сега првпат ги објави фотографиите направени во хотелот „Континентал“ на коктелот што бил организиран во чест на принцот. Влатко вели дека, конечно, ја изгледал серијата „Круна“, која е посветена на британското кралско семејство, и дека таа го потсетила на дружбата со принцот.
„Само што ја завршив со гледање ‘Круна’, па решив да ги споделам сликите од средбата со неговото височество, принцот од Велс, што беше во ноември 1998 година. Како сувенир тогаш му го подарив мојот најнов албум ‘Џипси меџик’“, напиша Стефановски.
Фановите воодушевени од средбата што била пред 22 години му коментираа дека тоа била средба на принц и крал. „Браво, легендо“, „Сигурно нему му било чест да те запознае тебе“, се дел од коментарите на „Инстаграм“.