Во Брисел се отвори спомен-соба на Есма и Стево Теодосиевски, додека музејот во Скопје тоне во мувла и ѓубре

Во Брисел, Белгија, на 1 октомври беше отворена спомен-соба на големите уметници и хуманисти Есма и Стево Теодосиевски. Токму во овој град на 9 мај годинава, на Денот на Европа, по кралицата на ромската песна се именува метро-станица, поради нејзиниот придонес во европската историја и нејзината посветеност на музиката и на хуманитарната работа.
Иницијатор на овој настан е Симеон Атанасов, синот на Есма, кој со својата група „Есмас бенд некст генерејшн“ ја продолжува нејзината музичка приказна низ светот. Тој е и голем поборник да се оствари аманетот на големата пејачка и хуманитарка, нејзината куќа на Калето во Скопје да се претвори во музеј и бесплатно музичко училиште за млади таленти. Во реализацијата на идејата за отворањето на спомен-собата во Брисел му помогнаа Елеонора Мустафовска, последната ученичка на Реџепова, и нејзиниот сопруг Оливиер Бони.


„ Мојата идеја немаше да стане реалност без големата поддршка на Оливиер Бони и неговата сопруга Елеонора Мустафовска, пејачка на нашата група ‘Есмас бенд, некст генерејшн’. Нивната организација ‘Есма – дијалог помеѓу културите’, која е главен организатор на оваа изложба, има во план да го презентира овој проект во повеќе градови низ Европа. Во Брисел од 1 до 15 октомври ќе бидат изложени фотографии, неколку фустани што Есма ги носеше на своите концерти, накит, последната книга на авторот Славе Катин и други предмети и спомени. За жал, не успеавме да зачуваме многу работи за да ги изложиме, но се надевам дека еден ден бесправно земените предмети и сѐ што е вредно од долгогодишната кариера на Есма и на Стево Теодосиевски ќе бидат вратени“, рече Атанасов.

Наспроти убавиот музеј во Брисел, и по пет години од смртта на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска, нејзината куќа во близина на скопското Кале пропаѓа. По неколкуте грабежи, во неа речиси и да нема останато ништо од личните работи на Есма и Стево.  Есма со тестамент куќата ја остави на државата Македонија, со желба таа да биде музеј или спомен-место каде што луѓето ќе се сеќаваат на неа и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски. За имотот,  се води и спор во судовите. На годишнината од нејзината смрт, нејзиниот посвоен син Симеон Атанасов лани за  „А1он“ рече дека Есма никогаш не помислила дека нејзината куќа ќе биде во ваква состојба. Од Министерството за култура велат дека  не можат да преземат ништо поради судските спорови.

Куќата на Есма во Скопје за која се водат судски спорови по нејзината смрт

 

 

 

Scroll to Top