Синоќа во Трпејца на свечен начин беше отворена културно – забавната манифестација „На зајдисонце“.
Во име на покровителот на манифестацијата Општина Охрид 14.издание на зајдисонцето го отвори советничката Александра Настоска – Николоска која рече:
-Вечерва сме собрани на едно од најубавите места на Охридското Езеро, во срцето на Трпејца, за да ја прославиме убавината на природата и духот на нашата заедница преку манифестацијата „ На зајдисонце“.
Трпејца, со својата исконска убавина, мир и топлина, отсекогаш била инспирација за уметниците, поетите и сите оние кои бараат спокој и поврзаност со природата. Погледнете околу себе – секој камен, секое дрво, секој бран на езерото раскажуваат приказна. А вечерва, додека сонцето почнува нежно да се спушта кон хоризонтот, ќе бидеме сведоци на магичен спектакл што само природата може да го создаде.
Оваа манифестација не е само прослава на зајдисонцето како природен феномен, туку и симбол на нашата благодарност кон животот, кон убавината што не опкружува и кон заедницата што не спојува.
„На зајдисонце во Трпејца“ полека но сигурно прераснува во прекрасна традиција, која не потсетува на вредноста на убавината, мирот и заедништвото, рече Настоска – Николоска.
Следеше видео изложбата на фотографии од бројните членови на Фото клубот „Охрид“ насловена „Убавина на дофат“. Пред публиката за повеќе деценискиот ангажман на генерации фотографи говореа актуелниот претседател на клубот Димче Коруноски и уште неколку присутни членови.
Вечерта беше заокружена со музичкиот перформанс на познатиот саксафонист Горан Папаз кој добро „легна“ на медитеранскиот штимунг и дух на Трпејца.
Вечерва, на отворената сцена кај Бунарот од 20.30 часот следи промоцијата на книгата „Париска сложувалка“ од младата Анастасија Ристеска од Трпејца напишана на англиски јазик а во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Промотор ќе биде д-р Габриела Неделкоска.
Утревечер во истиот термин гостува режисер и сценарист Антонио Вељаноски кој живее и твори на релацијата Охрид – Прага.
Публиката ќе може да го види неговиот филм „И(С)ЗГУБЕНИ“ кој зборува за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во пошта, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот.
Главните улоги ги толкуваат Јан Качер и Марие Дурнова, ко-сценарист на филмот е Алице Крајчирова, директор на фотографија е Владимир Димоски, музиката е на Игор Василев – Новоградска а продуценти на филмот се Елена Станишева и Зоран Вељаноски – Летра.
Филмот досега е прикажан и наградуван на неколку значајни фестивали ни светот.