Глобални хитови, рок химни, емотивен поп и енергична лајв електроника ќе донесат фузија на звук и незаборавно музичко патување низ разновидни жанрови, на четвртото издание на Get EXITed журката во Струмица. По потврдата на Jax Jones, Baby Lasagna и Бајага и Инструктори, завршниот печат на програмата го даваат Александра Јанева и македонското електро-трио BDM.
Големиот градски парк во Струмица ќе биде домаќин на единствената журка во недела, на 7-ми септември.
Во срцето на струмичкиот Голем парк ќе настапат глобалниот хитмејкер Jax Jones, еден од најбараните диџеи и продуценти на денешницата, регионалниот шампион Baby Lasagna и легендарниот рок бенд Бајага и Инструктори, чии песни станаа химни на многу генерации. На нив ќе им се придружат и две возбудливи имиња од македонската локална музичка сцена, дополнително збогатувајќи ја програмата и претворајќи го ова издание во единствена фестивалска целина.
Претставничката на современиот поп звук, Александра Јанева, носи балади со силен емотивен израз, додека триото BDM е познато по својот специфичен лајв концепт на изведба.
Родена токму во Струмица, Александра Јанева денес важи за една од најистакнатите поп пејачки од поновата генерација во Македонија. Со победите на натпреварувањата како што се Макфест и Скопје Фест, таа најави дека нејзините музички намери се јасни: нераскинлива врска со публиката преку силни и емотивни балади како „Врати ми го сонцето“, „За сто години“ и „Се одбирам себе“. Нејзиниот настап пред добро познатата домашна публика во родниот град ветува силна и искрена изведба на Get EXITed забавата.
BDM, електро-триото од Скопје, ја обликува својата музика со несекојдневен спој на амбиентални слоеви со хаус звук, гитара и вокали. На сцената се од 2018 година, кога се претставија со синглот „Lee“, кој беше вброен меѓу дваесетте најслушани хитови на радио Антена 5, додека „Sunlight“ набргу стана еден од најголемите летни хитови во Македонија. Нивниот дебитантски албум State of Mind, снимен во живо во 2022 година и издаден од издавачката куќа „Paragon“, ја потврди способноста на бендот да ја обликува музиката автентично во моментот на изведба. Следната година, со настапот на Together X. House by IQOS бината на EXIT фестивалот, покажаа дека нивната сила лежи токму во лајв настапите – енергија која сега ја носат во Струмица, преку моќен сет кој публиката долго ќе го памети.
Со настапите на Jax Jones, Baby Lasagna, Бајага и Инструктори, Александра Јанева и BDM, четвртото издание на Get EXITed журката во Струмица прераснува во вистински музички маратон кој во недела, на 7-ми септември, во Големиот градски парк ќе обедини разновидни музички жанрови во едно уникатно искуство.
Публиката ја очекува незаборавна забава, а влезот е слободен.