Филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски утревечер во 20.30 часот ќе биде премиерно прикажан на стриминг-платформата „Ејч-би-о го“, на каналот „Синемакс 2“. „Врба“ ќе биде емитуван повеќепати во 18 земји во текот на 2021 и 2022 година.
По светската премиера на филмскиот фестивал во Рим, каде што доби петминутни овации од публиката, „Врба“ се прикажа на над 20 филмски фестивали на четири континети, освои пет награди, меѓу кои „Сребрена палма“ на „Мостра де Валенсија“ во Шпанија и награда за најдобар режисер на фестивалот „Рејнденс“ во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот. „Врба“ ги собори рекордите на гледаност во кино и на телевизија во Македонија, беше македонски кандидат за „Оскар“, влезе во 40-те најдобри филмови во Европа според ЕФА и доби ласкави критики секаде каде што играше.
Милчо Манчевски: Си заминав од Холивуд, а поради Мик Џегер, сакав да се пензионирам
„Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“, се вели во рецензијата на филмското списание „Варајети“. „Скрин интернешнл“ за „Врба“ вели дека е „величествен, трогателен, длабок“, а „Холивуд репортер“ го опиша како „фасцинантен и заслепувачки“.
„Кино Лобер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД, ги обезбеди правата за дистрибуција на „Врба“ на територијата на САД и планира да почне со дистрибуција годинава. По премиерата во Унгарија, во текот на 2021 – во зависност од развојот на ситуацијата со Ковид-19 – предвидени се кинопремиери на „Врба“ во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и во Велика Британија.
Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ.