Загревање за деветтото издание на фестивалот Desonanz со ретрофутуристот Sim Hutchins и богатa програма во Излет

Како загревање за официјалната програма на фестивалот Desonanz 2017, утре вечер со почеток во 21 часот ќе се одржи аудиовизуелниот концерт на британскиот артист Сим Хачинс (Sim Hutchins) во кафулето Излет.

Sim Hutchins (Сим Хачинс) е мултимедијален уметник од Лондон и една од водечките сили на ретрофутуристичкото движење во електронската музика. Неговата музика преставува свеж спој на современи електронски звуци и луцидни видео-колажи инспирирани од актуелни теми во филозофијата, политиката и науката.

Покрај своите музички изданија, Хачинс е актуелен и како дизајнер, аниматор и иноватор во музичката технологија. Неговите настапи во живо се импресивни аудиовизуелни инсталации со уникатен визуелен стил, кој подеднакво ги возбудува критичарите на уметноста и фановите на клубскиот звук.

Настапот на Хачинс е кулминација на циклус настани организирани од страна на Desonanz Festival, во соработка со Audiobahn и Излет. Од 30ти октомври до 9ти ноември, голем број интернационални и локални артисти ќе настапат пред скопската публика, но и пред глобалната јавност преку стрим во живо.

Во насока на градење на современи културни вредности и промоција на релевантна музичка култура, влезот на сите настани од овој циклус е бесплатен за посетителите.

Scroll to Top