Загубивме уште еден великан, музички гуру и скромен човек: фолк-естрадата се простува од Милан Завков

Голем број познати личности од македонската фолк естрада се простија од врвниот хармоникаш и композитор, Милан Завков кој ненадејно почина на 61-годишна возраст. Меѓу нив познати музичари и пејачи се простуваат од првенецот на „Танец“, споделуваат убави моменти поминати со него.

Ленче Кукиќ напиша дека животот е многу убав, ама кратко трае.

„Со неверување ја прочитав веста за прекрасниот човек со кој имавме прекрасна соработка, прекрасни песни, аранжмани и убаво дружење. Едноставно прашање: Зошто? – Почивај во мир прекрасен човеку“, напиша Кукиќ.

Татјана Лазаревска пак напиша дека не може да поверува за неговата смрт и го нарече музички гуру, и ја раскажа поврзаноста на Милан Завков со нејзиното семејство.

„Со река солзи во очите го пишувам овој пост и неможам да верувам. Ах бе Мице. Беше и ќе бидеш огромен дел од мојот и животот на моето семејство Лазаревски. Првенствено како наш најблизок и најискрен пријател, и како мој музички гуру, човек и уметник кој ме воведе во музичките и пејачките води. Засекогаш ќе ми остане во најубав спомен денот кога пред 27 години решив да станам пејачка“, стои во постот на пејачката за Завков.

„Моја десна рака. Почивај во мир Милан Завков“, напиша Ферус Мустафов.

Пејачот Петар Нечовски се прости со зборовите некрунисан македонски крал на фолк музиката и маестро на хармоника.

Членовите од групата Академци напишаа „Најдобриот и најголемиот“.

„Не можам да поверувам. Ни замина мајсторот над мајсторите“, Џими Мицевски од група „Молика“.

Scroll to Top