Закажана аудиција за „Ѕвездите на Гранд“ во Скопје!

Менаџментот на најголемата српска продукција „Гранд“ одлучи аудицијата за нови талентирани музичари во Скопје да ја направи на 2-ри септември (сабота) во просториите на Канал 5 телевизија.

Младите талентирани дечиња ќе имаат можност да блеснат со својот сјај во „Неки Нови Клинци“, додека возрасните ќе треба да се соочат со најстрого жири без влакна на јазикот во „Ѕвездите на Гранд“, а оние повозрасните, кои досега немале шанса да го покажат својот музички талент ќе бидат дел од „Никад није касно“.

Канал 5 ТВ е македонската телевизија која и оваа година ќе го пренесува популарното музичко шоу, а од таму ги повикуваат сите кои досега барем еднаш настапиле на сцената на „Гранд“ да се јават на телефонскиот број 072 208 206 за да го потврдат своето учество во шоуто, тие нема да дојдат на аудиција туку жирито ќе ги избере и ќе ги повика директно во Белград.

Повеќе детали телевизијата најавува за вторник, 22-ри август.

Неофицијално, во жирито кое ќе ги избира талентираните македонски музичари седнува победникот на „Ѕвездите на Гранд“, маестралниот Ристе Ристески.

Како потсетување, и розовата српска телевизија ја закажа својата пред-аудиција за ѕвездите и ѕвездичките во Скопје за петок (25-ти август) со почеток во 11 часот во просториите на ТВ Сител. Кандидатите кои ќе бидат избрани во Скопје, ќе треба да дојдат на повторна аудиција во Белград, за тек после тоа да влезат во шоуто.

(Г.М.)

Scroll to Top