Американци порачуваат пици преку повикувачки центар во Македонија

Над десетина илјади пицерии во 2000 градови во САД добиваат нарачки преку повикувачки центар во Македонија.

300 вработени во фирмите „Слајс“, лоцирани во Дебар и Охрид, секојдневно им даваат помош преку телефон на 10 до 20 илјади американски корисници.

Се работи за инвестиција на Илир Сеља од Дебар, кој повеќе од две децении живее и работи во САД, а од градоначалникот Ружди Љата добил посебна плакета за придонес во намалување на невработеноста, посебно меѓу младите.

Активна е во Дебар каде што има 147 и во Охрид 150 вработени, а Сеља најавува и нови 100 вработувања.

– Ова е значајна инвестиција која дава позитивни резултати во намалување на невработеноста, посебно на младите, а со самото тоа и намалување на миграцијата. Нејзиното значење е уште поголемо поради фактот што дебраните каде и да заминале љубовта кон родниот крај ја негуваат како светост. Посебна благодарност упатувам до  семејството Сеља кое со својата инвестиција потврди дека може добро да се работи за своите сограѓани, рече градоначалникот Љата при доделувањето на плакетата на отворениот ден организиран во компанијата.

Сеља вели дека со помош на нивната платформа корисниците во САД преку веб-страницата порачуваат пица и од вработените добиваат 24-часовна поддршка.

Додава дека просечната возраст на вработените е од 24 до 28 години и тие се од сите националности кои живеат во двете општини. Поради зголемениот обем на работа, тој најави нови најмалку 100 вработувања до крајот на годината.

 

Scroll to Top