Балерината Антонија Атанасова на девет години 30 пати е прва во светот  

Балерината Антонија Атанасова има девет години, а веќе има освоено 41 медал и преку 30  први места. Таа е ученичка во „Јан Амос Коменски“ во Скопје. На часови по балет оди од петгодишна возраст во балетското студио „Арт балет“ кај педагогот Тамара Ѓурчиновска.

Антонија деновиве наголемо се подготвува за Светскиот натпревар во Келн, Германија, од каде што вети дека повторно ќе донесе медеал и ќе освои прво место.

„Со моите другарки од балет ќе ја одиграме кореографијата ‘Другарките на Есмералда’ и сакам да ги освоиме сите први места таму“, вели малата Антонија.

Балетот го засакала пред четири години играјќи пред огледалото дома. По ова, нејзината мајка ја запишала на балет, а кратко потоа веќе почнала да се натпреварува.

„Кога почнав да одам на часови мислев дека педагогот Тамара е лоша, ама не била лоша, таа само сака да бидеме најдобри“, искрена е Антонија.

Во разговорот таа ни откри дека за првпат златен медал освоила во Римини, Италија. Вели: „Викав од радост кога ме прочитаа дека сум прва“.

 

На светските натпревари таа настапува соло, во дуо, формација. Вели дека иако има малку трема, сепак, брзо ја надминува и сака најубаво да одигра.

„Убаво ми е кога одам на балет. Одам и на часови по англиски, а во училиште сум одлична. Сакам да правам сè и не сакам да седам мирна, само на едно место“, раскажува деветгодишната Антонија.

Малата балерина  трипати во неделата посетува часови по балет, каде што вежба повеќе од два часа, а  за натпреварите се подготвуваат со професорката подолг период.

„Натпреварувањата почнаа пред две години, а првото учество беше во Виена. Иако е мала, Антонија ја има прошетано Европа. Не е лесно да се работи со мали деца, ама нивната љубов кон балетот е огромна. Уште повеќе и заради наградите, кои  се многу значајни“, вели балетскиот педагог Тамара Ѓурчиновска.

И додава дека Антонија настапува со варијација на „Есмералда“, а имаат подготвено и модерна кореографија на соло од „Есмералда“. Освен на светски натпревари, во текот на годината ги практикуваат и аматерските и аматерско-професионалните натпревари, кои се значајни за стекнување искуство.

Александра Георгиев

Scroll to Top