Македонскиот пијанист со светска кариера, Симон Трпчески, со серија успешни концерти во Токио одбележа 20 години од своето деби во Јапонија.
На 3, 4 и 5 септември Трпчески настапи на престижни концертни сцени во јапонската престолнина, повторно со Токискиот Метрополитен симфониски оркестар, под диригентство на маестро Казуши Оно.

На распродадените концерти во Токио Метрополитен театарот и Сантори салата, македонскиот пијанист го изведе „Концертот бр. 3“ од Сергеј Рахмањинов.
Изведбите беа проследени со силни овации, а публиката го награди Трпчески и со два биса.
Пет биса на рециталот во „Јамаха“
Особено впечатлив беше неговиот рецитал во салата „Јамаха“, каде што изведе дела од Чајковски, Бетовен, Равел и Прокофјев.
Воодушевената публика дури петпати го враќаше на сцената, што беше уште една потврда за силниот прием што Трпчески го има кај јапонската публика.
Македонска и јапонска музика како знак на благодарност
Како посебен гест кон домаќините, Трпчески изведе и обработки на познати јапонски песни.
На програмата се најде и композицијата „Не си го продавај Кољо чифликот“ од Димитрије Бужаровски.
Изведбата ја посвети на жртвите од земјотресите, потсетувајќи и на историската помош што Јапонија му ја дала на Скопје, како и на долгогодишното пријателство меѓу Македонија и Јапонија.
Следна станица – Загреб
По успешната серија настапи во Јапонија, како и концертите во Европа, Охрид и Битола, Трпчески продолжува со нови ангажмани.
Следна дестинација е Загреб, каде што токму на својот роденден ќе ја отвори новата сезона на Загрепската филхармонија.
Таму ќе го изведе „Концертот бр. 1“ од Рахмањинов, под диригентската палка на полскиот маестро Давид Рунц.






