Даниел Данн: Поради забраната за македонска музика, го одложувавме видеото за „Саншајн“

„Саншајн“, новата песна на Даниел Данн и Марга Соул, иако се снимаше лани, годинава доби видеоспот. Музичката приказна е спакувана во триминутно видео снимано на плажата во Преспа со манекенки од модното студио „Црнокрак“. На прашањето зошто се чекаше по една година од излегувањето на песната да се појави и спотот, Дан вели: „Лани откако ја снимавме песната, ја донесоа забраната за пуштање македонска музика и тоа некако ни ја отежна работата за промоцијата. Иако песната е на англиски јазик, потпишана е од македонски автори, па така и за нас важеше забраната. Потоа моравме да чекаме да дојде лето зашто оваа песна не е за да се пушти во зима, сепак, носи наслов ‘Саншајн’ и еве конечно е во етерот“, ни открива Данн.

Покрај презимето, кое е со две „н“ на крајот и за кое вели дека е всушност уметничко презиме, а не вистинското, тој ни откри: „Јас се презивам Стојмановски, па кога се појавив на сцената некако сите ми го грешеа презимето. Дан ми е прекар, па природно дојде да бидам Даниел Данн. Но, двете ‘н’ се всушност за да не ме читаат како Ден на англиски, со оглед на тоа дека мојата намера кога се појавив на сцената е да снимам и за странскиот музички пазар“, открива Даниел.

Во следниот период планира да биде повеќе на музичката сцена, со оглед на тоа што направи пауза кога во 2012 година ја прекина соработката со Александар Масевски – Масе. „Не е дека ме немаше, настапив на некои фестивали, но само поради тоа што за мене беше предизвик да пеам во живо. Сметав дека треба да направам пауза откако ја прекинав соработката со Масе ззшто не бев најзадоволен од тоа што се случува и искрено сметам дека треба да се појавам тогаш кога ќе имам што да ѝ понудам на публиката“. Со Марга планираат да издадат албум и неколку нови песни. На прашањето за музичката сцена кај нас, Данн вели дека во земјава нема доволно, речиси воопшто музички критичари кои јавно би го давале своето мислење, сеедно дали позитивна или негативна критика за некоја песна. „Јас би сакал да знам дали е добро или не она што го правам во музиката“, искрен е Даниел. Кога не се занимава со музика работи во тимот за кредитација и стандардизација во болницата „8 Септември“ во Скопје. Вели дека летово ќе оди на одмор во Грција, а за љубовата, дека постои, но сè уште нема нешто посебно за јавно да го каже.

А. Георгиев

Scroll to Top