Дац и Александар на 8 март во Драмски ќе им пеат на жените

Александар Митевски и Драган Спасов Дац на 8 март ќе одржат концерт во Драмски театар, посветен на жените. Концертот наречен „Уште ми фалиш“ ќе трае три часа, а покрај Дац и Александар ќе пеат и нивни пријатели, но имињата за сега не се откриваат.

„Жената и љубовта се инспирација на сите наши песни од самиот миг на создавањето на дуото Дац и Александар. Конечно, ја остваруваме нашата голема желба да направиме специјална музичка ноќ, на 8 март. Ви ветуваме посебно уживање за сите сетила и едно поинакво прославување на Денот на жената, поделено во два дела. Во првиот дел ќе ви подариме прекрасен букет од песни од сцената на театарот, заедно со нашиот бенд составен од врвни музичари, а атмосферата ќе ја надополнат и нашите специјални музички гости кои ќе отпеат нешто со нас. Во вториот дел, се селиме во фоајето на театарот, во опуштена атмосфера“, велат Дац и Александар.

Во продажба се пуштени само 300 влезници и дел се веќе продадени. Во цената на билетот се вклучени храна и пијалак, а кои ќе бидат достапни во вториот дел од концертот.

„Во текот на вечерта сите ќе бидеме дел од хумана мисија на собирање средства која дополнително ќе се објави. Ќе биде ова ноќ која ќе ви остане во вечно сеќавање“, додаваат тие.

Scroll to Top