За легендарниот гитарист Влатко Стефановски ретко кој знае дека пред да открие дека го бидува за гитара, прво свирел на тапани. Ама брат му Горан му донел неколку плочи со музика од „Битлси“ и тоа било доволна причина да почне да свири на гитара. Истиот тој Горан подоцна му ја криел гитарата за да не му смета додека ги пишува драмите. Еве, и денес, по 40 години, гитарата и музиката се целиот живот на Влатко.
Од игранките и маалските свирки, па до она да се биде „Леб и сол“ и подоцна, кога ја почна својата соло кариера, за Влатко Стефановски секогаш ќе остане епитетот дека е виртуоз на гитара.
„Брат ми имаше влијание врз мене и врз мојот музички развој. Но, во исто време ми ја криеше гитарата зашто на почетокот му сметав додека вежбав. Тој беше книжевник, читаше, учеше. Секоја нова драма првин доаѓаше да ми ја прочита мене, а јас бев воодушевен од тоа што го слушам. Но, мора да признам дека малку ми завидуваше на професијата“, раскажува Влатко, кој на 2 јуни ќе настапи пред Стинг на Градскиот стадион во Скопје.
Приказната за „Леб и сол“ и неговото распаѓање, близината со сега веќе починатиот брат Горан и колку сега му недостига, за детството во Тафталиџе, за партнерката на матура, која останала сама, за синот Јан, кој тргна по неговите стапки, зошто никогаш не направи светска кариера, гледајте го интервјуто:
Андријана Јовановска