Ќе го врамам дресот од Роналдо

„Два дена доаѓав пред хотелот ‘Александар Палас’ и пред стадион, упорно барав начин да го видам Роналдо во живо. И ете на крај ми се исплатеше упорноста па ја добив неговата маица со која тренираше по освојувањето на Суперкупот“, ни рече Мартин Силјановски (15) од Скопје, момчето кому Роналдо му го подари белиот дрес.

Мартин пресреќен вели дека маицата ја чува дома и дека планира да ја врами како спомен од тоа што му се случило.

„Откако заврши натпреварот, Роналдо остана уште 10 минути да тренира заедно со Лукас Васкез, а ние го гледавме. Обезбедувањето не ни направи никаков проблем. Кога тргна да си оди почнавме да викаме по него, ама јас бев најгласен. Викав по него колку што ме држи гласот. Тој ја соблече белата маица и размислуваше кому да ја фрли. Виде дека сум најгласен и ми ја даде мене“, ни открива Мартин. Тој вели дека сите околу него се чуделе како токму тој ја имал таа среќа, и додава дека упорно стоел пред хотелот каде што биле сместени фудбалерите на Реал Мадрид со надеж дека ќе го види.

Мартин е ученик во средното економско училиште „Васил Антевски – Дрен“. Го сака фудбалот уште од мал. Едно време тренирал фудбал, а сега игра рекреативно со другарите. Навива за Реал Мадрид и за македонската репрезентација. (А.Г.)

 

Scroll to Top