Во Холивуд наскоро ќе почне снимањето на „Мајкл“, биографски филм за животот на поп-иконата Мајкл Џексон. Режисер е Антоан Фукуа, но за сега не се открива кој глумец ќе ја добие улогата на кралот на поп-музиката.
„Според мене, не постои уметник со сила, харизма и чист музички гениј како Џексон. Гледањето на неговата работа влијаеше на мене да правам видеа. Неговата музика и тие слики се дел од мојот поглед на животот, а можноста да ја раскажам неговата приказна на екранот, со неговата музика е неодолива“, рече Фукуа за „Холивуд рипортер“ кој ја објави веста.
„Мајкл“ ќе се снима по сценарио на Џон Логан, познат по „Гладијатор“ и „Авијатичарот“, а во продукција на Греам Кинг, кој работеше на филмот за Фреди Меркјури „Боемска рапсодија“.
Џексон е роден 1958 година и се стекна со слава како момче во бендот „Џексон фајв“. Откако си замина од групата, во која пееше со своите браќа, тој изгради една од најуспешните независни музички кариери во светот. Го сними најпродаваниот албум на сите времиња Thriller, кој досега е продаден во над 70 милиони копии, благодарение на седум синглови, вклучувајќи ги Billy Jean и Beat It.
Џексон продолжи со светски успеси низ годините, но неговата кариера почна да оди надолу по неколкуте обвинувања за сексуално вознемирување деца. Подоцна судот го ослободи. Се женеше двапати, со Деби Роу, па со Лиза Мари Присли, и има три деца од сурогат мајки. Ненадејно почина од срцев удар во 2009 година додека се подготвуваше за светска турнеја.