Малата сала на Центарот на култура во Битола беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари, фоторепортери и обожаватели на филмската дива Клаудија Кардинале, кои присуствуваа на денешниот разговор што го водеше Микеле де Анџелис, режисер и продуцент од Италија, пренесува Макфакс.
,,Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.
„Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност. Но, секогаш одбивав да се соблекувам гола во филмовите. Не сакав да го продавам моето тело“, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
Во 1963 таа го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.