Кошаркарската легенда Благоја Георгиевски – Буштур загина во сообраќајна несреќа

Македонската кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски – Буштур загина ноќеска во сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела Вода, соопшти Кошаркарската федерација (КФСМ).

„На 29.01.2020 год. во 23,06 часот добиена е пријава за сообраќајна незгода на булевар Србија во правец од Цементара према последна автобуска постојка 24 во која учествува возило Волксваген Кеди, управувано од Б. Г.(1950) од Скопје. Возачот се здобил со повреди и истиот им подлегнал на повредите, а од страна на доктор од ИМП констатирана е смрт“, соопштија од полицијата.

Благоја Георгиевски – Буштур е роден на 15 октомври 1950 во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лига. Во сезоната 1975/76, популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на куповите.

Во 1971 година, со југословенската репрезентација освои сребро на Европското првенство во Западна Германија во 1971 година, а пет години подоцна го освои сребрениот медал на Летните Олимписки Игри во Монтреал.

По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер, а беше и селектор на македонската репрезентација

Беше член на Управниот Одбор и на Собранието на Македонскиот Олимписки комитет, претседател на Олимпискиот Совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.

Член е на Клубот на Великаните на Македонскиот Олимписки комитет од 1997 година.

Scroll to Top