Хера, ќерката на првиот вицепремиер Артан Груби, матурира во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје. Татко ѝ сподели неколку фотографии од нејзината матурска вечер, а во очи падна и фустанот што го носеше таа. Хера заврши гимназија во истото училиште во кое завршиле и нејзините родители, ни откри Артан Груби во разговор за „Репортер“.
Тој вели дека ќерка му е одлична ученичка во сите четири години и дека сè уште не знаат каде ќе студира, но секако дека тоа ќе биде тука во нашата земја. Го прашавме првиот вицепремиер и за изборот на фустанот, на што Груби ни открива: „Фустанот е креиран од дизајнерот Пајтим Раци од Косово и нејзин избор беше од првиот ден. Фустанот е со рачно креирана скулптура во форма на корсет, но морав неколкупати да ја носам на избор, на проба. Исто така, и шминката и фризурата беа во Приштина кај Selma&Kaci, а чевлите, накитот и чантата се од Скопје“, ни рече Артан Груби за „Репортер“.
Го прашавме и дали е љубоморен татко, но и колку е близок со својата ќерка. На тоа тој вели: Не сум љубоморен татко, но имам големи очекувања и многу ги предизвикувам децата за да ги спремам да се соочат со општеството и со животот воопшто. Немаат привилегија во ништо. На пример, ќерка ми две години работи сезонски, а така ќе биде и годинава“, открива Груби.
Ни откри и дека се многу блиски и дека разговараат за сè. „Многу сум близок со Хера, првороденица ми е, а таа е и првородено дете во нашата фамилија, значи синовите и ќерките на браќата се родени по Хера. Името ѝ е според божицата Хера од грчката античка митологија, сопруга на Зевс, и убава како Афродита, божица на женските права и бракот.
Хера свири пијано, а сака да организира и настани: Беше дел од моите последни две кампањи, дел од тик-ток-кампањата, а брендираните патики со изборниот број, мотото и логото на партијата беа нејзина идеја“, ни откри првиот вицепремиер.
Александра Георгиев