Наместо за пари ќе свирам за 100 тегли ајвар, светскиот виолинист Стефан Миленковиќ го пазари настапот

„Хонорарите за концертите ги договарам за пари или за Нутела, ама во Македонија може да свирам и за ајвар. Ако некој ми даде 100 тегли ајвар, ќе му свирам што сака и колку сака“, вели низ смеа Стефан Миленковиќ, еден од најпознатите светски виолинисти. Тој утревечер во Скопје ќе одржи концерт со Македонската филхармонија. Вели, на публиката ќе ѝ понуди и модерни песни но и најубавата класика на Вивалди. Во Скопје не бил скоро две години, па освен што ќе свири, во интервјуто за „Репортер“ откри дека со радост ќе се сретне и со неколку свои стари пријатели.

Виолина свири скоро 40 години, но луѓето на балканските простори и понатаму го нарекуваат „чудо од дете“. Свири од својата трета година, а првиот концерт го одржал кога имал шест. Последните две години Миленковиќ свири на виолина стара 250 години. Ни раскажа дека е најсреќниот човек на светот затоа што поседува инструмент кој е вистинско ремек дело.

На интервјуто дојде пред време, расположен и насмеан. Скромен и едноставен, Стефан не оддава впечаток на светска ѕвезда. А свирел пред Папата Јован Павле Втори, пред американскиот претседател Роналд Реган, но и пред рускиот Михаил Горбачов. Свирел секаде низ светот, дури и пред индијанското племе Навахо. „Мислам дека тие претходно никогаш најверојатно не слушнале како звучи виолина.

За детството, за првата симпатија пред која ја доживеал најголемата трема кога свирел, за бракот, но и за југоносталгијата, музиката на Ники Минаж што ја обожава, но и за тоа што мисли за турбофолкот, гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

Scroll to Top