По објавувањето на музиката за филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски кон крајот на минатата година, „Филтер Лабел“ продолжува со изданија од серијалот филмска и театарска музика создадена од еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори, Кирил Џајковски. Музиката филмот „Големата вода“ на Иво Трајков од денеска е достапна на сите дигитални сервиси во светот.
„Овој материјал на Џајковски е едно од највпечатливите сведоштва за неговиот раскошен талент како композитор на филмска музика и потврда на неговата креативна зрелост. На петнаесетте композиции од ова издание, авторот успеал да прикаже подеднаква елоквентност во динамичните, драматични, перкусивни теми (Chasing Lem, Blood Brothers) и во нежните, елегантни, интроспективни нумери (The Great Water, Forgiveness, Farewell). Материјалот е мајсторски напишан, аранжиран со исклучително чувство за детали и отсвирен со неверојатна прецизност. Богатите оркестарски текстури и силната емотивност на композициите не се во контраст, туку напротив совршено се дополнуваат“, велат издавачите на албумот.
![]()
„Големата вода“ ја освои наградата за најдобра музика на Филмскиот фестивал во Валенсија. Албумот со музиката од филмот „Големата вода“ од денеска може да се слуша и даунлодира од сите дигитални музички сервиси. Директни линкови до изданието на некои од најпопуларните платформи може да најдете на следната адреса https://filterlabel.streamlink.to/thegreatwater.
Паралелно со музичкото издание, објавени се и неколку официјални музички спотови.






