По долга и тешка борба со леукемијата, денес на 53 години почина легендарниот фудбалер и тренер Синиша Михајловиќ. Михајловиќ почина опкружен со семејството. Веста ја пренесоа италијанските медиуми кои пишуваат дека здравствената состојба му се влошила последните неколку дена.
Михајловиќ од 2019 година се бореше со леукемија. Еднаш ја победи, но болеста пред неколку месеци повторно се врати. Пораки со поддршка за негово брзо оздравување деновиве испраќаа неговите поранешни клубови, соиграчи и членови од семејството.
„Нè напушти човекот кој доминираше во Италија 15 години“, пишува „Газета дела спорт“.
Неговата сопруга Аријана и децата Виктор, Вирџинија, Мирослав, Душан и Николас во соопштението до јавност им се заблагодарија на докторите и сестрите кои беа со него низ годините и му ги даваа потребните љубов нега и почит. Особено им се заблагодарија на докторите Франческа Бонифаци, Антонио Курти, Алесандро Рамбалди и Лука Маркети.
„Синиша засегаш ќе остане во нас. Тој ќе продолжи да живее во во сите оние кои го сакаа“, стои во соопштението од семејството на Михајловиќ.
По почетокот на кариерата во Борово, многу брзо мина во Војводина каде постигна 19 голови на 73 натпревари. По трансферот во Ѕвезда, со добрите игри се пресели во Рома, за која настапуваше од 1992 до 1994 година. Потоа четири години престојуваше во Сампдорија, а уште шест во Лацио за кој играше на 126 натпревари и даде 20 голови. Кариерата ја заврши во Интер во 2006 година.
Продолжи да работи во истиот клуб како помошник тренер, а првиот ангажман потоа го имаше во Болоња, каде остана една сезона. Меѓу останатите клубови беше тренер и на Катанија, Фиорентина, националниот тим на Србија, Сампдорија, Милан, Торино, Спортинг, а од 2019 година повторно се врати во Болоња.
Датумот и местото на погребот ќе бидат дополнително соопштени.