Шарлин од „Тексас“ дојде гладна во Скопје, ѝ понудија тавче-гравче

Шкотскиот бенд „Тексас“ на 28 септември ќе го одржи својот прв концерт во Македонија. Светски познатите музичари, предводени од пејачката Шарлин Спитери, во Скопје дојдоа по концертот во Стокхолм, Шведска, два дена порано. Шарлин, изморена од долгиот пат, рече дека е гладна и побара препорака за вкусни македонски специјалитети. „Кажете ми што да јадам, што е добро?“ На ова таа доби препораки да проба гравче-тавче и полнети пиперки. Шарлин Спитери минатиот месец беше актуелна по својата свадба.

Таа за „Репортер“ раскажа како светски познатиот готвач Брин Вилијамс ја побарал за жена, а за кого се омажи по десетгодишна врска.

„Мислев дека има срцев напад, а не дека ме бара за жена“, ни откри Шарлин. Додека разговаравме, често погледнуваше во дијамантскиот прстен и си играше со бурмата.

„Да бидам искрена, еден наш пријател кажал некому дека сме се свршиле и одеднаш сите знаеја. А сакавме сè да биде тивко и тајно. Многу ми е важно да имам приватен живот и да го заштитам семејството колку што можам повеќе. Ама и мојот сопруг е јавна личност, па имаше многу прашања. Да бидам искрена, мислев дека доживува инфаркт кога ме бараше за жена, беше толку многу нервозен и вознемирен. Се запрашав зошто се однесува толку чудно. Си замислував дека ќе треба да го влечам по патеката за да го спасам, а тој ме побара за жена. Мора да кажам дека бев навистина шокирана“, раскажа Шарлин, која на свадбата носеше венчаница од тантела, креација на нејзината пријателка Стела Макартни.

50-годишната Шарлин со насмевка се сети и на почетоците на бендот, пред 32 години. Вели, понекогаш има чувство дека постојат како група само 5 години. Ни откри каква е приватно, а зборуваше и за работата во хуманитарната организација за децата болни од рак.

На концертот во организација на „Авалон“, членовите на „Тексас“ ќе ги пеат и своите најголеми хитови и понови песни. Нивна предгрупа ќе биде „Ареа“.

Андријана Јовановска

Scroll to Top