МРТВ ја избра Тамара Грујеска за претставник на Македонија на годинашниот Јуниорски Евросонг. Солистката Тамара Грујеска, поддржана од авторски тим од реномирани уметници ќе ја претставува земјава на Јуниорскиот Евросонг 2023 година, кој ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.
Тамара (13) е од Гостивар. Своите први почетоци во музиката ги прави на пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и странство. Првиот нејзин настап на интернационален натпревар е во 2021 година на „Езерски Бисери“ во Струга, каде што го освои првото место Лауреат I степен. Истата година учествува и на Интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп каде што освои највисока Гран при награда со нејзината песна „Музиката во мене има дом“. Истата година учествуваше и на интернационалниот Фестивал „Шкољкице“ во Нови Сад, Србија каде што повторно освојува Гран при награда.
Во 2022 година Тамара учествува и на најпрестижниот фестивал и натпревар во Владимир „Golden Stars Rain“ каде што во конкуренција од 150 натпреварувачи од повеќе земји ја освои Гран при награда. Гран при награда освои и на меѓународниот фестивал Angel Voice во Белград Србија.
Тамара е ученичка во основното училиште „Гоце Делчев“-Гостивар во VII одделение и во Основното музичко училиште „Тодор Скаловски“-Тетово отсек „соло пеење“. Љубовта и посветеноста на музиката ја надградува и со онлајн часови и курсеви кај светски познатата вокална учителка Cheryl Porter од САД.