(Видео) „Ќе се разведам, дојди кај мене во соба“, смеење до солзи на снимањето на „Преспав“

Во супер амбиент, со многу смеење и дружба, актерите од „Преспав“  на големо ја снимаат во МРТВ четвртата сезона од популарната серија. Уживаат во снимањето на сцените. Нема нарвоза. Сите се смеат и покрај тоа што ги враќаат сцените и по неколку пати. Речиси сите се тука, цела постава, Јелена, Коста, Талат, Миле, Тони, инспекторот Томе, готвачот Марио…

И додека Коста ја кани рецепционерката Јелена од Драчево да „се пресели се кај него во соба оти Ула не е тука, па ѝ ветува и дека ќе се разведе, а Талат го потсетува дека не треба да се разведува, проблемот настана кога сфатија дека немаат пари ниту управител“.

Ова е само една од сцените од четвртата сезона за која продуцентот Пеце Талевски вели дека ќе биде премногу смешна. „Тони се надмина себеси и во претходните беше супер, ама ова сега навистина е ептен смешно“, вели продуцентот Талевски за актерот Игор Стојчевски, кој го игра братот Антонио.

„Годинава ќе бидеме многу посмешни од лани. Никогаш не било посмешно од сега“, рече Игор Ангеловски, кој го игра ликот на Коста. Актерката Јелена Јованова, пак,  додаде: „Чест ми е што сум  дел од овој тим и ние секоја година растеме и сме сè подобри“. И актерот Васил Зафирчев пристигна на сет во негов стил, сосе пењоар и чалма на глава, па низ смеа ни кажа дека „работат турбо и дека ова ќе биде супер сезона“.

Од „Преспав“ најавија многу познати гости од странство, но и одлична новогодишна емисија. Новина овој пат е што има многу статисти, па пансионот постојано ќе биде полн со гости.

Ќе се снимаат нови 20 епизоди со кои „Преспав“ ќе слави јубилеј од вкупно досега снимени 100 епизоди од серијата.

Емитувањето на новите епизоди ќе почне од декември 2019 година на првиот канал на МРТВ, а епизодите ќе бидат достапни и на каналот на „Преспав“ на „Јутјуб“.

„По измината успешна сезона, со која ‘Преспав’ докажа дека е особено позитивен пример во македонскиот медиумски простор, МРТВ и оваа година застанува зад омилениот ТВ-продукт на публиката и му отстапува ударно време на првиот канал на Македонската телевизија“ – изјави Марјан Цветковски, директор на МРТВ.

Првата постава на актерската екипа останува речиси непроменета. Во главните улоги се: Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели. Дополнително, во четвртата сезона Емра Куртишова како Исуара и Владимир Тулиев како Дончо му се придружуваат на главниот каст.

Идејата и концептот за „Преспав“ се на Елеонора Венинова и на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режираат: Игор Иванов – Изи, Вардан Тозија и Георги Унковски. Сценаријата ги пишуваат: Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева и младите сценаристи Артин Селамани, Игор Трајковски и Огнен Неделковски. Костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, автор на сценографијата е Снежана Поњавиќ Муча, а шминката е на Ирена Сенокозлиоска.

Александра Георгиев 

Scroll to Top