Два месеца откако го промовираше албумот „Нов свет“, Викторија Лоба го претстави видеото за песната „Воздишка“. Спотот е снимен на вулканска плажа на островот Санторини, Грција. Автор и продуцент на песната е Марга Сол, а Викторија го напиша текстот.
„За да го снимиме спотот чекавме ветровито и облачно време со цел да го доловиме контрастот на невремето со емоцијата што ја пренесувам преку ‘Воздишка’. Спотот го направи Дарко Митев – Аргона, а за стајлингот и овој пат се погрижи креаторот Андреј Папаз“, вели Викторија.
Викторија е автор на неколку тескстови на песните на нејзиниот нов албум.
„Една од моите цели како артист кој постојано вложува на професионален и духовен план е да инспирирам и да бидам инспирирана. Сакам да ја пренесам длабочината на моите чувства директно со публиката. По долго време имам желба да сум отворена и искрена во тоа што го работам, да ги потсетам луѓето на тие едноставни и мали нешта кои се всушност големи, важни и значајни во нашиот живот, а тоа се љубовта и искрената комуникација меѓу нас“, рече Лоба.