Згасна најбрилијантниот ум на 20 век – Стивен Хокинг почина на 76 години

Брилијантниот физичар Стивен Хокинг, прочуен по своите генијални трудови на темата црни дупки и релативитет, почина во раните утрински часови во својот дом во Кембриџ, пренесува Би-би-си. Тој беше автор на многубројни популарни книги и други трудови, кои се само дел од немерливото наследство што зад себе го остави на човештвото.

22 доктори за Стивен Хокинг имале мрачни прогнози дека ќе проживее само уште неколку години кога му било откриено дека страда од ретка прогресивна болест, амиотрофна латерална склероза. Тешката болест го зацементирала за инвалидска количка и речиси целосно му ја одзела моќта за говор, но неговиот ум, иако е заробен во кревкото тело, остана нескршлив.

Хокинг, сепак, ја победил тешката физичка онеспособеност и повеќе од пет децении давал исклучителен придонес во физиката и математиката. Исто така, разоткрил некои од најзамрсените тајни на космосот.

Ја надживеал прогнозата на докторот и го минал животот исполнет со работа, опкружен со луѓе што го почитувале и семејство што го сакало. Ќе остане запаметен не само поради неизмерниот придонес во светот на науката туку и за човештвото.

„Беше голем научник и исклучителен човек, чиј труд и наследство ќе живее многу години“, е наведено во соопштението на неговите деца Луси, Роберт и Тим, пренесе АП.

Стивен Вилијам Хокинг е роден на 8 јануари 1942 година. Дипломирал физика на „Оксфорд“, а потоа на темата теорија на релативитетот докторирал на „Кембриџ“, каде што ја продолжил академската кариера. Станал член на Кралското друштво во 1974 година, а професор по математика во 1979 година.

Британскиот научник стекнал светска слава поради својот труд за црните дупки и теоријата на релативитетот, а зад себе оставил низа дела, меѓу кои најпозната е книгата „Кратка историја на времето“.

 

Оваа книга била вистински бестселер што го зазема првото место на листата бестселери на британскиот „Сандеј тајмс“, каде што се задржал рекордни 237 недели.

Неговиот живот е екранизиран во филмот од 2014 година, „Теорија на сѐ“, во кој главната улога ја имал Еди Редмејн.

Во 1989 година станал почесен придружник на кралицата. Неостварен сон му бил да одлета во вселената.

Видеото гледајте го на следниот линк:

Scroll to Top